|
Вести
|

19.01.2012 МРАЗОТ СЕ СКРШИ СО ТЕШКА МЕХАНИЗАЦИЈА Заради дебелината на мразот и големата површина, не постоше друг начин да се искрши мразот освен со тешка механизација. Се обвистинија очекувањата на црковниот одбор на храмот Св. Никола во Демир Хисар, дека и по завирувањето, водата повторно многу брзо ќе замрзне. Овој пат заради продолжувањето на екстремните температури особено во текот на ноќта спроти Водици, се формира уште подебела кора мраз – појава незабележана изминативе 18 години откако се организираат богојавленските свечености на мостот на Стара река во Мургашево.
Но неволите на оргаизаторот дополнително станаа непремостливи по сознанието дека по екстремно ладната ноќ, ниту една машина не ќе коже да „запали“. Градоначалникот Ангелевски кој беше генерален покровител на манифестацијата, претпладнето пред почетокот на централната свеченост ја ангажира речиси целата расположлива механизација во општината. Но единствено на Марјан Боцевски му успеа, само еден час пред почетокот, да ја стартува машината и без поговорно да ја дотера машината до вирот и веднаш да почне со кршење на мразот. Не беше лесно ниту за машината бидејќи кората беше дебела, а површината голема. Но на негово, а особено на задоволство на многубројните верници, само неколку минути пред почетокот, мразот беше „совладан“, а водичарската церемонија можеше да почне. Градоначалникот Ангелевски не ја приопушти приликата на членовите на црковниот одбор и на машинистот Марјан Боцевски да им честита за пожртвуваноста и надчовечкиот напор и ангажман богојавленската свеченост, сепак по 18 – ти пат, непречено да се организира.






 |